Хаменеи со критика за исклучените ирански претседателски кандидати
Иранскиот изборен совет ќе ја разгледа својата одлука да исклучи неколку истакнати кандидати за претседателските избори закажани за овој месец, откако врховниот водач Ајатолахот Али Хаменеи упати критика.
„Во текот на проверката, на некои кандидати им беше извршена неправда. Тие беа обвинети за невистинити работи. Заштитата на честа на луѓето е едно од најважните прашања. Ги повикувам одговорните тела да ја вратат својата чест“, рече Хаменеи на националната телевизија.
Иранскиот изборен совет одобри само седум кандидати од скоро 600 кандидати, а беа отфрлени личности блиски до претседателот во заминување Хасан Рохани.
Рохани, кој не може да побара трет мандат, за време на неделниот состанок на владата на 26 мај рече дека посакува изборниот совет да избере повеќе кандидати за да обезбеди поголема „конкуренција“ на гласањето во јуни.
Ахмадинеџад повторно кандидат на иранските претседателски избори
Меѓу исклучените кандидати за изборите се поранешниот претседател на парламентот Али Ларијани, потпретседателот Ешак Јахангири и Хасан Хомеини, внук на основачот на исламската република Ајатолахот Рухолах Хомеини. Не беше прифатена кандидатурата и на екс-претседателот Махмуд Ахмадинеџад, кој рече дека ќе ги бојкотира изборите.
По критиките од Хамнеи, кој го има последниот збор за внатрешните работи во земјата, изборниот совет најави дека ќе ревидира некои од неговите одлуки.
"Наредбите на Врховниот водач се конечни и неговата одлука треба да се почитува. Советот наскоро ќе го објави своето мислење, признавајќи дека не е имун на грешка", објави на Твитер портпаролот Абас Али Кадходаеи.