КСС: Не функционира социјалниот дијалог
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара итна средба со премиерот Зоран Заев. Причина за тоа е писмото од Светската конфедерација на синдикати и Европската конфедерација на синдикати, во кое како што наведува КСС, е посочена загриженост на овие две меѓународни синдикални организации за нефункционирањето на социјалниот дијалог во земјава.
„Од Светската и Европската конфедерација на синдикати многупати е упатено прашањето до премиерот, што се случува со социјалниот дијалог во Македонија, што се случува со КСС и зошто синдикалните лидери од КСС добиваат откази, но одговорот на премиерот е дека не е запознаен со ситуацијата. КСС има доставено низа барања за средби, имаме одржано низа протести и настани, со кои ги искажуваме нашите негодувања и со кои бараме таквите притисоци да престанат, изјави денеска претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес-конференција.
Работничките протести скромни, барањата гласни
Тој бара што поскоро да се сретне со премиерот за да разговара за за сите проблеми. Ралповски додава дека Светската и Европската конфедерација на синдикати бараат од премиерот да се заложи лично синдикатите да имаат еднаков третман во нашата земја, а КСС да се вклучи во социјалниот дијалог рамноправно и да може да одлучува.
КСС порачува дека толеранцијата и трпението во изминатите години беше голема,и дека крајно време е како што велат да се решат проблеми наталожени со години. Во спротивно, ККС најавува дека ќе преземе порадикални чекори од досегашните.