Народен правобранител апелира на целосно почитување на правата на бегалците
![Народен правобранител апелира на целосно почитување на правата на бегалците](https://gdb.rferl.org/D8DAE641-D344-4EC2-AB78-587C17D37F56_w800_h450.jpg)
Народниот правобранител Насер Зибери, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на бегалците, се приклучува кон апелот на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации за потребата од поголема инклузивност на оваа категорија лица, особено во областите здравство, образование и спорт.
Сандри за МИА: Пандемијата не го сопре движењето на бегалците
Народниот правобранител, соопштија од неговата канцеларија, како национална институција за човекови права постојано го следи постапувањето со мигрантите и бегалците на територијата на Република Северна Македонија и во повеќе наврати укажува на предизвиците со кои се соочуваат овие лица во пристапот до здравствените услуги и образованието за нивните деца.
„Имајќи предвид дека инклузивноста е еден од клучните столбови на кои се потпира принципот на солидарност, а на чија идеја почива и самата конвенција на Обединетите нации за статусот на бегалците, Народниот правобранител по повод овогодинешниот Ден на бегалците упатува препорака до властите за целосно почитување на правата на овие лица и креирање политики што ќе придонесат за целосно интегрирање во заедницата, зачувувајќи го нивното достоинство и враќајќи им го чувството на безбедност и сигурност“, стои во соопштението од канцеларијата на омбудсманот.