Заев: со Ахмети не сме разговарале за државните симболи
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со лидерот на ДУИ Али Ахмети не разговарале за државните симболи или поконкретно за химната.
„Со колегата Али Ахмети не сме разговарале за државните симболи. Треба да се фокусираме на економијата, зелената агенда, како и главниот фокус да остане на европеизацијата на Северна Македонија“, рече Заев на заедничката прес-конференција со премиерот на Албанија Еди Рама, одговарајќи на новинарско прашање.
Темата дали е разговарано или не за државните симболи се наметна откако на социјалните мрежи беше споделено кратко видео од подолгото интервју на лидерот на ДУИ Али Ахмети за телевизијата Клан. Во него Ахмети вели дека „се разговарало и за химната и за грбот и за знамето“, без да прецизира со кого и кога.
Промена на државните симболи - дефокус од вистинските проблеми
Вчера реагираа и од владата наведувајќи дека „ниту во Владата, ниту во владејачката партија СДСМ, ниту со премиерот Зоран Заев не е разговарано за промена на знаме, грб или химна на државата.
„Во изјавата на г. Ахмети не забележавме дека тој изјави дека наводно било разговарано со премиерот Заев или со било кој друг претставник на политичките субјекти во власта. Сметаме дека државата треба да се фокусира со сите свои капацитети на политиките кои носат развој, економија и повеќе пари за граѓаните. Владата ќе продолжи на тој пат“ се вели во одговорот од Владата.