Иран нема на МААЕ да и дава слики од нуклеарните постројки
![Иран нема на МААЕ да и дава слики од нуклеарните постројки](https://gdb.rferl.org/4EC1F9A2-809C-4EB4-9AB0-F38251888EE8_w800_h450.jpg)
Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Бакер Калибаф рече дека Техеран никогаш нема да предаде слики од внатрешноста на некои ирански нуклеарни постројки на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) бидејќи истекол договорот за набљудување.
„Договорот е истечен ... која било од снимените информации никогаш нема да и биде дадена на Меѓународната агенција за атомска енергија и податоците и сликите ќе останат во владение на Иран“, изјави Калибаф.
МААЕ и Техеран го склучија тримесечниот договор за набљудување во февруари со цел да се зголеми соработката на земјата со агенцијата. Договорот, со кој се овозможи МААЕ да собира и анализира слики од надзорните камери инсталирани на иранските нуклеарни локации, подоцна беше продолжен за еден месец до 24 јуни.
Иран и САД водеа индиректни разговори за обновување на договорот од 2015 година меѓу Техеран и шест светски сили кои воведоа ограничувања на нуклеарните активности на Техеран во замена за укинување на меѓународните санкции.
Оптимизам во Иран за оживување на нуклеарниот договор од 2015 година
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот во 2018 година и повторно воведе строги санкции за иранската економија. Техеран реагираше со постепено намалување на своите обврски според договорот. Претседателот Џо Бајден сигнализира дека САД се подготвени да се вратат во договорот, ако Техеран повторно строго го почитува неговите одредби.