Жителите на скопски Расадник на протест под мотото „Стоп за бетонизацијата“
Жителите од скопската општина Кисела Вода излегоа на протест под мотото „Стоп за бетонизацијата на Расадник и Кисела Вода“. Тие бараат да престане бетонизацијата на населбата Расадник и да се почитуваат уставните норми и закони за здрава животна средина. Од Иницијативата „За Расадник на можности за хуман живот во Кисела Вода“ бараат нов ДУП кој ќе биде донесен на меѓународен конкурс, а граѓаните да избираат меѓу трите најдобри решенија на референдум.
„Бараме ДУП кој ќе овозможи цивилизиран и културен развој и живот за идните генерации. Бараме парк, зеленило, спортски и забавни содржини, велосипедски патеки, градинки и училишта и се друго што ќе придонесе за унапредување на животот во кисела Вода“, велат од Иницијативата, јавува новинската агенција МИА.
Ваквиот чекор доаѓа откако во изминатите години се актуелизираше планот за изградба на голем број згради на празниот простор на местото Расадник во Општина Кисела Вода, што ги разлути жителите на општината кои се загрижени за квалитетот на живот во нивната населба.
Македонските телевизии јавуваат дека на местото каде што жителите го организираа протестот се појавиле и сопствениците на земјиштето на парцелите кај Расадник според кои претходно се било усогласено и затоа нема никакви пречки да бидат изградени околу стотина згради.
Сегашниот ДУП предвидува изградба на околу 100 нови згради на местото на поранешниот расадник во Кисела Вода со што, според жителите на населбата, дополнително ќе се загрозат и онака лошите и нехумани услови за живеење во овој дел од општината.