Авганистанските власти со воздушни напади против талибанците
![Авганистанските власти со воздушни напади против талибанците](https://gdb.rferl.org/32e4516a-4069-4c0e-b243-ec2f38872c58_w800_h450.jpg)
Авганистанските воздухопловни сили денеска ги продолжија воздушните напади против позициите на Талибанците во јужен Авганистан, додека милитантите остварија дополнителен напредок на северот на земјата.
Во соопштението на Министерството за одбрана се вели дека воздушни напади биле извршени низ целата земја, вклучително и во јужната провинција Хелманд, каде владините сили се борат за контрола на главниот град на провинцијата, Лашкар Гах.
Девет од 10 -те области во тој град паднаа во рацете на милитантите. Жителите на Лашкар Гах објавија силен бомбашки напад во близина на владината радио и телевизија, која е под контрола на Талибанците.Пред да започне контранападот во Лашкар Гах, армијата ги повика 200.000 жители на градот да се евакуираат.
Талибанците убиле млада жена бидејќи носела тесна облека
Во северниот дел на Авганистан, талибанците ја презедоа контролата врз поголемиот дел од провинцискиот главен град Сар-е Пол, изјави водачот на провинцискиот совет Мохамад Нур Рахмани.
Жестоки борби се случија и околу Херат, во близина на западната граница со Иран и Кандахар на југ. Талибанците спроведуваат сеопфатна офанзива од почетокот на мај, кога меѓународните сили предводени од САД го засилија конечното повлекување од земјата што треба да заврши до крајот на овој месец.
Обединетите нации соопштија вчера дека добиле извештаи за зголемена смрт на цивили и оштетување на критичната инфраструктура во Хелманд и Кандахар.
„Болниците и здравствените работници се преоптоварени со бројот на ранети луѓе. Можеме да ви кажеме дека сме длабоко загрижени за безбедноста и заштитата на луѓето во Лашкар Гах, на југ, каде десетици илјади луѓе би можеле да бидат заробени од борбите“, рече портпаролот на ОН Стефан Дујарик на брифинг со новинарите.
ОН, исто така, ги повикаа донаторите да го финансираат Планот за хуманитарен одговор за Авганистан, за кој Дујарик рече дека досега добил помалку од половина од потребните 1,3 милијарди долари.
„Ние, заедно со нашите хуманитарни партнери во Авганистан, ги проценуваме потребите и реагираме на југ, како што дозволува пристапот“, рече тој.
Европската унија денеска повика на „итен, сеопфатен и траен прекин на огнот“ и ги осуди нападите на талибанските милитанти.