Во гасењето на пожарите се вклучиле 1500 припадници на Армијата
Во изминатите десетина дена од избувнувањето на пожарите во Македонија, 1500 припадници на Армијата се вклучиле во справувањето со огнената стихија. Како што соопштија надлежните, детални информации за ангажманот на армиските припадници од земја и од воздух, денеска ќе бидат соопштени на прес конференција во Центарот за обука на пилоти, касарна „Страшо Пинџур” - Петровец.
За деталите за армиските активности во гасењето на пожарите ќе ги соопштат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, бригадниот генерал Бесник Емини, командант на Командата за операции на Армијата и полковникот Стојко Пејовски, командант на Воздухопловниот ВИНГ.
Активни осум пожари, ЦУК дигитално ја следи состојбата
Во земјава до синоќа беа активни осум шумски пожари, а останатите се делумно локализирани. Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи преку системот НИКС, кој ги дигитализира сите податоци од терен, од вчера раководи со справувањето со шумските пожари. „Сите податоци од терен ги имаме на едно место, тоа му помага на Главниот штаб да носи квалитетни одлуки, да врши подобра координација на силите на терен“, рече вчера директорот на ЦУК Стојанче Ангелов. Тој истакна и дека сите села во чија близина беснеат пожари се обезбедени, местата се изорани и направена е тампон зона преку која пожарот не може да премине.