Исчезна генерал обвинет за воени злосторства во БиХ откако му беше одреден притвор
Пензионираниот генерал на војската на босанските Срби, Миломир Савчиќ исчезна откако Судот на Босна и Херцеговина вчера одреди притвор поради кршење на претходно изречените мерки за негирање на геноцидот во Сребреница.
Савчиќ (62) требаше да биде во притвор веднаш по одлуката на Судскиот совет, но полицијата не го пронашла на неговата домашна адреса, а неговиот адвокат тврди дека не знае каде е неговиот клиент.
Савчиќ за време на војната во БиХ беше близок соработник на Ратко Младиќ, а беше обвинет за воени злосторства и помагање во геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во јули 1995 година.
Брамерц очекува потврда на доживотната затворска казна за Младиќ
Тој е директно обвинет за убиство на најмалку илјада Бошњаци во градот Нова Касаба. Судењето против Савчиќ почна во 2020 година, а Судскиот совет му дозволи да биде на слобода се до завршување на процесот, но му забрани јавни настапи и да ја напушти БиХ.
Меѓутоа, Савчиќ јавно ги коментираше наводите од обвинението за кои е обвинет во најмалку четири наврати и негираше дека е извршен геноцид во Сребреница.
„Обвинителството на БиХ затоа побара да му биде одредена мерка притвор, што вчера прифати Судскиот совет“.