Иран изрази загриженост, западните земји го повлекуваат дипломатскиот персонал од Авганистан
Иран побара од талибанците да ја осигураат безбедноста на нивните дипломати во конзулатот во западниот авганистански град Херат, додека западните земји и хуманитарните организации почнаа со повлекување на својот персонал од Авганистан.
Талибанците ги заземаа вториот по големина град во државата Кандахар, Херат и други провинциски главни градови во последниве денови откако меѓународните сили по дводецениско присуство се повлекоа. По ваквите случувања порасна и стравот дека ќе дојде до паѓање на владата во Кабул која е поддржана од западните земји.
Иранското министерство за надворешни работи соопшти дека е загрижено поради порастот на насилството во Авганистан. Претежно шиитскиот Иран одамна e внимателен кон сунитската муслиманска талибанска група. Техеран ги затвори своите конзулати во Херат и западниот град Мазар-е-Шариф поради стравувања за безбедноста на своите дипломати.
Авганистанските власти на итен состанок за талибанската офанзива
И додека напредокот на талибанците ја вознемири меѓународната заедница, тие во соопштение наведоа дека „дипломатите и вработените во амбасадите, конзулатите и институциите, без разлика дали се странци или домашни не само што ќе бидат безбедни од Исламскиот емират, туку ќе им биде обезбедена и атмосфера на сигурност и доверба“.
Американската војска соопшти дека ќе прати дополнителни 3000 војници за да помогнат во евакуацијата на американскиот дипломатски кадар, додека Британија ќе прати околу 600 војници за да им помогнат на нивните граѓани да ја напуштат земјата.
„Немаме избор“: илјадници Авганистанци бегаат пред талибанците
Во меѓувреме амбасадата на Данска во Кабул е привремено затворена, а како што соопшти данското министерство за надворешни работи вработените се евакуирани. Норвешкото министерство за надворешни работи соопшти дека и тие ја затвориле амбасадата, ги евакуирале вработените и нивните блиски роднини.
Холандија, пак, најави дека ќе ја држи нивната амбасада отворена додека е можно. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас кажа дека Берлин го намалил бројот на вработени во амбасадата на неопходен минимум, а дека тимот за кризи е веднаш пратен во Кабул за да ја зголеми безбедноста на дипломатската мисија.