Советот на амбасадори ја поздрави одлуката за привремено вдомување авганистански цивили
![Советот на амбасадори ја поздрави одлуката за привремено вдомување авганистански цивили](https://gdb.rferl.org/dfc79e81-85a5-4ad9-b44e-6e1944b1d5e3_cx0_cy7_cw0_w800_h450.jpg)
Советот на Амбасадори високо ја цени одлуката на македонската Влада привремено да вдоми одреден број лица вработени во меѓународни организации, потоа на жени и деца од Авганистан на кои животот може да им биде загрозен од талибанските власти, како и напорите што ги прави Министерството за надворешни за враќањето во земјата на нашите граѓани кои по разни основи се наоѓаат во Авганистан.
Заев: Спремни сме да прифатиме цивилно население од Авганистан
„Граѓаните на земјата многу пати досега ги изразиле нивните чувства за солидарност и помош на сите народи во светот кои од разни причини имале и имаат потреба за помош. Тоа исто така претставува исполнување на обврска што Владата ја има кон НАТО, САД како наши досегашни силни поддржувачи на нашите евроатлантски аспирации и интеграции, како и кон меѓународната заедница во целина“, се вели во соопштението од Извршниот Одбор на Совет на Амбасадори.
Кои се Талибанците и како функционираат?
Следејќи ги најновите настани во Авганистан, се вели во соопштението, здружението за меѓународна политика „Совет на Амбасадори“, жали што по дваесет години вложен труд, вложени финансии во здравство, образование, култура, социјална политика и економски развој од страна на меѓународната заедница, со повторното враќање на власт на Талибанците, животот во оваа земја се враќа повторно на почеток.
Пред неколку дена талибанците влегоа во Кабул, откако во неколку неделната офанзива освоија голем дел од државата. Претседателот на земјата Ашраф Гани ја напушти земјата, каде што талибанците сега се најголема сила.
Многумина граѓани, во страв од талибанците, се обидуваат да избегаат од земјата, а многу држави ги евакуираат своите државјани.