Во Тетово ќе се отвораат дополнителни пунктови за вакцинација
За да се намали метежот и да се забрза процесот за вакцинација против ковид-19 во Тетово треба да се отворат нови објекти каде ќе се врши имунизација, велат од Кризниот штаб на Општина Тетово. На денешниот состанок од заменик-министерот за здравство Илир Хасани од Кризниот штаб побарале да се отворат нови вакцинални пунктови и во градот и во руралните средини.
„Во текот на неделата, во градот ќе бидат отворени дополнителни пунктови за вакцинација, како што се Домот на Армијата, жичарницата на Елем Турс, Центарот за култура во Тетово и амбулантата во село Порој“, велат од Општина Тетово.
Кризниот штаб побарал да се отворат пунктови и Боговиње, Теарце, Брвеница, Желино и Јегуновце.
Последните две недели во Тетово значително е зголемен бројот на вакцинирани. Од 1.500 до 1.800 луѓе дневно примаат првата доза, а се ревакцинираат и до 2.300 луѓе дневно.
Било побарано и пунктовите да работат подолго и во три смени за да може да се вакцинираат повеќе луѓе.
Кампања „Вакцинирај се“ за да се врати нормалниот живот
Од Кризниот штаб апелираа матичните лекари да волонтираат во Здравствениот дом во Тетово со цел да помогнат и да учествуваат во процесот на вакцинација.
Епидемиолошката состојба во Тетово и регионот е крајно критична, со 1855 активни случаи. Само за викендот повеќе од 257 лица во Тетово побарале прегледи и болничко лекување поради симптоми и тешка здравствена состојба.