УНХЦР се подготвува за околу 500 илјади бегалци од Авганистан
Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека се подготвува за околу половина милион бегалци од Авганистан до крајот на годината, бидејќи порастот на насилството во земјата предизвикува дополнително раселување.
Ситуацијата во Авганистан по преземањето на Талибанците „останува неизвесна и може брзо да се развива“, соопшти Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).
Европа стравува од нова бегалска криза
Агенцијата посочи дека 2,2 милиони Авганистанци веќе се регистрирани како бегалци во странство, а скоро сите се во Пакистан и Иран. Агенцијата наведе дека се проценува оти 558.000 луѓе се внатрешно раселени во Авганистан само поради конфликтот оваа година. Речиси сите се жени и деца.
„Околу 500.000 нови бегалци во регионот е најлошото сценарио“, рече Кели Клеменц, заменик-висок комесар на ОН за бегалци, на брифинг со новинарите во Женева.
Клеменц рече дека дневно се забележуваат неколку илјади Авганистанци кои влегуваат во Иран, додека трговците продолжуваат да одат напред и назад од Авганистан во Пакистан.
„Иако не видовме големи одливи на Авганистанци во овој момент, ситуацијата во земјата еволуираше побрзо отколку што некој очекуваше“, додаде таа.
УНХЦР апелира до сите соседни земји да ги држат своите граници отворени за луѓето што бараат безбедност. Според Клеменц, високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и други донатори во врска со финансиската поддршка за планот на агенцијата за засолниште и грижа за новите пристигнувања.