Алтернатива утре ќе одлучува за влегување во влада
Дефинитивната одлука дали партијата на Африм Гаши, Алтернатива, ќе биде дел од Владата ќе биде донесена утре на седница на највисокото партиско тело – Централен совет. Оваа партиска средба ќе почне утре во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово.
„Седница на Централниот совет на Алтернатива имаме утре во 19 часот во партиското седиштте во Тетово. Утре ќе се донесе конечна одлука . До овој момент ништо не можам да кажам. Утре по завршувањето на седницата ќе имаме прес-конфренција“, изјави партискиот портпарол Орхан Муртезани.
Заев-Гаши: Нема договор, но има напредок
Лидерот на партијата Африм Гаши имаше три средби досега со претседателот на СДСМ Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на нивните четворица пратеници. По вчерашната средба лидерот на Алтернатива Гаши рече дека може да каже дека има напредок и дека следуваат консултации со нивните партии.
Од Владата, пак, сооптшија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел за постигнување договор за можна заедничка влада, која според двете страни, ќе треба да се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза.