Иран - На дофат согласност за спас на нуклеарниот договор
![Иран - На дофат согласност за спас на нуклеарниот договор](https://gdb.rferl.org/cb520000-0aff-0242-9bd7-08d9b3fd01a5_w800_h450.jpg)
Официјален Техеран вели дека е на дофат договор со меѓународните сили за спас на историскиот договор од 2015 за иранската нуклеарна програма.
Главниот ирански преговарач, заменик-министерот за надворешни работи Али Багери Кани, денеска изјави дека неговиот тим предал два нацрти за укинување на санкциите и нуклеарните обврски на преговарачката група што ги претставува Франција, Германија, Британија, Русија и Кина.
Меѓународните сили работат на изнаоѓање начин како да се постигне напредок и Иран и САД целосно да се вратат на договореното во 2015.
Но изгледа дека вчерашниот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ги поткопува разговорите што продолжија оваа недела во Виена по петмесечна пауза.
МААЕ во извештајот наведе дека Иран започнал процес на збогатување ураниум до 20 проценти чистота во фабриката Фордоу со користење на напредна технологија. Според нуклеарниот договор од 2015 година на Иран воопшто не му е дозволено таму да збогатува ураниум.
Иран, кој негира дека збогатува ураниум за производство на нуклеарно оружје, постепено ги кршеше условите од договорот откако во 2018 тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот. Сегашниот претседател на САД, Џо Бајден вети дека повторно ќе се приклучи на договорот доколку Иран се врати на договореното, но Техеран сака Вашингтон да го направи првиот чекор.
Макрон - Иран конструктивно да се вклучи во преговорите за нуклеарниот договор
Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан доцна на 1 декември твитна дека договорот за заживување на договорот е „на дофат“, но дека тоа зависи од добрата волја на Западот.
Европски дипломат за Ројтерс потврди дека нацрт-документите се предадени.