Реакции за пресудата за убиството на Чурувија- правдата мора да биде задоволена
![Реакции за пресудата за убиството на Чурувија- правдата мора да биде задоволена](https://gdb.rferl.org/1ceb13a7-be2d-4534-91b3-ab69934e111c_w800_h450.jpg)
Правдата мора да биде задоволена, е коментарот на генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез во врска со втората првостепена пресуда изречена во судскиот процес за убиството на Славко Чурувија, новинар и основач на Дневни Телеграф и Неделен Телеграф.
Пред судскиот совет на Специјалниот суд во Белград, во повторена постапка за првостепена пресуда, осудени за убиството на Чурувија се Радомир Марковиќ, Милан Радоњиќ, Ратко Ромиќ и Мирослав Курак кои беа поранешни членови на Службата за државна безбедност - СДБ. Марковиќ и Радоњиќ се осудени на по 30 години затвор, а Ромиќ и Курак, кој е во бегство, се осудени на по 20 години.
„Случајот на новинарот Славко Чурувија е симбол за неказнивост на убиствата на новинарите од нашата професија низ Европа. Европската федерација на новинари, главната репрезентативна организација на новинарите во Европа, ја поздравува првостепената пресуда. Ова е исклучително важна судска одлука која треба да ја потврди одговорноста на српската држава, а посебно на режимот на Милошевиќ“, истакна Рикардо Гутиерез во писмената реакција до Гласот на Америка.
Првостепената судска одлука е иста како онаа што Апелациониот суд ја укина во септември 2020 година и донесе одлука за повторување на судскиот процес за убиството извршено пред 22 години.
Поранешни разузнавачи осудени за убиството на српскиот новинар Чурувија
Атила Монг, претставник на невладината организација Комитет за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, ја опиша пресудата како важна судска одлука, со која рече дека ги казнува убијците на Чурувија кој како новинар беше отворен критичар на режимот на Милошевиќ.
„Пресудата е важен чекор за ставање крај на неказнивоста во овој случај, но српските власти треба да продолжат да работат за целосна правда со идентификување на нарачателите на убиствата и нивно гонење. Покрај тоа, пресудата е вистинскиот чекор за завршување на циклусот на неказнивост за злосторства против печатот“, изјави за Гласот на Америка претставникот на КПЈ за Србија и други европски земји.
Причина за поништување на претходната првостепена пресуда со која Марковиќ, Радоњиќ, Ромиќ и Курак беа осудени на иста вкупна затворска казна од сто години беше одлуката на Апелациониот суд дека се основани жалбите на обвинителството и одбраната. Славко Чурувија беше убиен на 11 април 1999 година за време на бомбардирањето на НАТО на Србија.