Македонија и Србија потпишаа Протокол за признавање на Овластен економски оператор
Директорите на Царинските Управи на Македонија и на Србија, Славица Кутиров и Бранко Радујко, потпишаа Протокол за заемно признавање на Овластен економски оператор. Договорот е потпишан на граничниот премин Прешево.
Потпишувањето на Протоколот произлезе од заклучоците на министерскиот состанок што се одржа на 13-14 ноември во Ниш во рамки на иницијативата Отворен Балкан и со него се опфатени 34 компании од Србија и 21 компанија од Македонија.
Компаниите во декември како пилот, а од јануари 2022 и официјално ќе можат да ги применат поволностите при спроведување на царинските постапки во двете држави, врз основа на исти правила и критериуми. Тоа, како што соопшти Царинската управа, значи дека ќе имаат можност за намалени физички и документарни контроли при спроведување на царинските постапки, известување за контрола во случај кога пратката е селектирана за физичка контрола, приоритет при спроведување на физичките и документарни контролите во случај кога се селектирани за контрола, можност за избор на место за спроведување на контрола, надвор од местото на царинскиот орган и приоритет при преминување на граничните премини.
Отворен Балкан во практика никако да се отвори
Овој Протокол треба да придонесе за полесно движење на стоките помеѓу двете држави и намалување на трошоците за извоз и увоз на имателите на овие одобренија.