Бектеши - Граѓаните да пријават неправилности со цените
Министерот за економија ги повика граѓаните да пријават неправилности со цените на основните продукти. Министерот Крешник Бектеши на официјалниот Фејсбук профил ги повика граѓаните да пријават доколку има драстично зголеми цени на основните прехранбени производи. Граѓаните тоа може да го сторат на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Владата со одлука ги замрзна цените на основните продукти започнувајќи од 6 декември, а одлуката ќе се применува до 31 јануари. Замрзната е цената на леб, шеќер, брашно, зејтин, млеко, свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда.
Основните прехранбени производи треба да ја задржат цената по која се продавале на 1 декември.
Министерот за економија Крешник Бектеши претходно рече дека листата може да се прошири и со други производи.
Замрзнати цени - Празни рафтови или намалени профити за бизнисите
Од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија денеска на прес-конференција реагираа дека одлуката за „замрзнување“ на цените на прехранбени производи може да ја продлабочи кризата во која се наоѓаат фирмите и да предизвика проблеми за граѓаните при пристап до намирници.
Од Комората велат дека состојбата може да се надмине само со добро испланирани мерки кои ќе се дефинираат во комуникација со реалниот сектор.