Соларен парк ќе никне во близина на Штип каде што требаше да има карго аеродром
Од следната година ќе се гради соларен парк на потегот меѓу Свети Николе и Штип на местото каде што требаше да биде изграден карго аеродром. Според плановите, што денеска беа презентирани во Владата, соларниот парк треба да ги задоволува потребите за струја на 94.000 домаќинства.
Инвестицијата, која со одлука на Владата е прогласена за стратешка, е проценета на околу 270 милиони евра. Соларниот парк ќе го гради француската компанија „Акуо Енерџи“ преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје. За реализација на инвестицијата треба да се подготви закон кој се очекува да биде донесен во првиот квартал наредната година.
Премиерот Зоран Заев на промоцијата на инвестицијата најави дека првите количини електрична на енергија ќе протечат во 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година. Производството на електрична енергија е проценето на околу 650 гигават часови на годишно ниво, што претставува 16 проценти од годишното производство на струја од АД ЕСМ.
Претседателот на француската компанија „Акуо Енерџи“ Ерик Ското рече дека уште од денеска неговите екипи ќе работат заедно со македонската администрација за да се реализира проектот. моите екипи ќе работат неуморно со вашата администрација и со вашите граѓани за да се изгради
Францускиот амбасадор во државава Сирил Бомгартнер истакна дека инвестицијата има големо стратешко значење бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на Северна Македонија, истовремено помагајќи и на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
Многу сонце, а мала искористеност за производство на струја
Во Македонија се проценува дека има 280 сончеви денови, но само речиси еден процент од неговата енергија се користи за производство на струја.
Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2020 година во земјата има 173 фотонапонски електроцентрали. Тие произвеле 0,72 проценти од вкупното производство на струја.