Претставничкиот Дом на САД го усвои буџетот за одбрана
![Претставничкиот Дом на САД го усвои буџетот за одбрана](https://gdb.rferl.org/7cb564dd-f667-468a-b2e7-1c38b61bf7b7_cx0_cy9_cw0_w800_h450.jpg)
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го усвои буџетот за одбрана во вредност од 770 милијарди долари. Со Законот се обезбедува финансирање на Украинската војска, стабилност на Балтикот и спротивставување на Кина.
Предлог-законот беше усвоен доцна на 7 декември со силна двопартиска поддршка и се очекува да биде изгласан од Сенатот оваа недела.
Со што Бајден му се закани на Путин околу Украина?
Демократите ги контролираат и Претставничкиот дом и Сенатот, а по усвојувањето од страна на двата дома на Конгресот, законот треба да биде потпишан и од демократскиот претседател Џо Бајден за да може да стапи на сила.
Нацрт-законот одобрува 25 милијарди долари повеќе отколку што бараше претседателот Џо Бајден и ќе го зголеми буџетот за одбрана за околу 5 отсто. Но, со него не се опфаќа предлогот за воведување задолжителни санкции за рускиот гасовод Северен тек 2.
Законодавците, исто така, го отфрлија амандманот со кој би им се забранувало на граѓаните на САД да купуваат руски државен долг.
Војската на Украина ќе добие 300 милиони долари во рамките на Иницијативата за безбедносна помош на Украина, додека четири милијарди долари се наменети за Европската одбранбена иницијатива и 150 милиони долари за балтичката безбедносна соработка.
Нацрт-законот ја таргетира Кина со 7,1 милијарди долари распределени за пацифичката Иницијативата за одвраќање, за изјава за поддршка на Конгресот за одбраната на Тајван и забрана на Министерството за одбрана да набавува производи произведени со присилна работа од кинескиот регион Синџијанг.
Соединетите Држави велат дека Кина спроведува геноцид врз Ујгурите и другите претежно муслимански малцинства во регионот Синџијанг, при што дури 2 милиони луѓе се затворени во логори.