Британија се придружи на дипломатскиот бојкот на Олимпијадата во Пекинг
![Британија се придружи на дипломатскиот бојкот на Олимпијадата во Пекинг](https://gdb.rferl.org/02340000-0aff-0242-f716-08d98f054f4a_cx0_cy7_cw0_w800_h450.jpg)
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска објави дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година, поради кршењето на човековите права во Кина. Портпаролот на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер соопшти дека ни тој нема да присуствува на Олимпијада, но не кажа дали тоа е поради дипломатскиот бојкот.
Џонсон рече дека ниеден министер од неговата влада нема да присуствува на Игрите.
„Навистина ќе има дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг“, рече Џонсон и додаде дека „бојкот на спортот“ не е политика на неговата влада.
Претходно, дипломатски бојкот на Олимпијадата најавија САД, а потоа и Австралија, поради загриженост за кршењето на човековите права во Кина.
Кина - Американскиот дипломатски бојкот на Олимпијадата го нарушува духот на игрите
Стејт департментот соопшти дека околу 2 милиони Ујгури и други малцинства се затворени во логори во регионот Синџијанг. Прогонетите велат дека централната влада во Пекинг практикува верска репресија, тортура и присилна стерилизација во логорите.
Зимските олимписки игри ќе се одржат од 4 до 20 февруари 2022 година во Пекинг.