Американската амбасада повика на внимателност пред утрешното собрание на ДП во Тирана
Пред утрешното собрание на албанската опозициска Демократска партија(ПД), свикано од историскиот лидер Сали Бериша, американската амбасада ги повика своите граѓани да го избегнат овој политички митинг, што ќе се одржи утре на стадионот „Ер Албанија“.
Во соопштението на амбасадата се вели дека на граѓаните на САД им се советува да избегнуваат големи собири во градот, бидејќи „некои ситуации може брзо да се сменат непредвидливо“.
„Овој собир може да се прошири и на други места во Тирана. Точната масовност и времетраењето на собирот не се познати. На американските граѓани им се препорачува да избегнуваат големи собири во градот. Многу големи јавни настани може да се одвиваат мирно, некои ситуации може да се променат брзо и непредвидливо. Следете ги локалните медиуми за најновите информации и следете ги упатствата на локалните органи за спроведување на законот“, стои во соопштението од Амбасадата на САД во Тирана.
Се разжестува конфликтот меѓу Љуљзим Баша и поранешниот партиски лидер Сали Бериша
Бериша свика Национално собрание на партијата откако собра над 4.500 потписи, меѓу нив и на актуелни пратеници и партиски функционери, како и трибините кои ги организираше низ целата територија на земјата.
Утре, на собирот, закажан за 10 часот, на стадионот во Тирана се очекува да присуствуваат над 12 илјади членови, симпатизери и поддржувачи на Бериша, кој најави враќање на лидерската функција.