Димитров во Берлин на средба со Санино
Политиката на проширување како најважната алатка на надворешното дејствување на Европската Унија и македонските евроинтергации како клучни за кредибилитетот на Унијата беа темите на денешните средби во Берлин на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи Стефано Санино и со државниот секретар во германското МНР, Мигуел Бергер.
Средбата со генералниот секретар Санино се одржа на маргините на годишната конференција на Советот. Според соопштението од Секретаријатот за европски прашања, Санино на средбата истакнал дека најважниот чекор напред во политиката на проширувањето на ЕУ е почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
На средбата со државниот секретар Бергер била реафирмирана цврстата германска поддршка за европската интеграција на Северна Македонија.
„Европската перспектива е лепакот што ги соединува прогресивните сили во регионот. Обновувањето на довербата во политиката на проширување е можно само преку успех во македонското европско досие,“ изјавил Димитров на средбата.
Државниот секретар Бергер нагласил дека Германија ќе продолжи интензивно да работи на ова прашање што е наведено како приоритет и во коалициониот договор на новата Влада.
Последен состанок за оваа година на мешовитата македонско-бугарска комисија
Работната посета на Берлин Димитров ќе ја заокружи со првата средба со новоименуваната министерка за Европа Ана Лирман.