Сведоци за „Плацеви на Водно“: Груевски не сакал да има соседи за да не го прислушуваат
![Сведоци за „Плацеви на Водно“: Груевски не сакал да има соседи за да не го прислушуваат](https://gdb.rferl.org/9333932B-F947-41B3-8A00-2842D55963ED_cx0_cy3_cw0_w800_h450.jpg)
На денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ се сослушуваат сведоци предложени од Обвинителството. Сведоци зборуваа за становите на „Бихаќка“ за кои во обвинението се тврди дека се на поранешниот премиер Никола Груевски.
Сведокот Татјана Стојановска, која рече дека на нејзино име има стан на улица „Бихаќка“ и уште еден до него на име на фирма чиј управител е таа, но дека тие не се нејзини туку, на трето лице.
Таа работела за бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова. Стојановска рече дека некаде во 2008-2009 Ивановски и се обратил и ѝ рекол дека треба да се купи стан таму и тоа и се случило. Тој и рекол дека треба да се купи стан за бившиот премиер Никола Груевски, затоа што заради прислушкување да нема некои несакани комшии.
Прашана дали таа дала пари за овој стан и дали имала клуч, рече дека ниту дала пари, ниту добила клуч и дека никогаш ниту пак влегла и го видела тој стан.
Стојановска, исто така, рече дека е сопственик и управител на фирмата ИТК инжинеринг, основана 2008-2009 година од причина за да се учествува на јавен тендер, на кој било купено градежно земјиште на Водно, како и дека на ова правно лице има запишано уште еден стан на улица „Бихаќка“, купен од постар брачен пар исто така за Груевски.
За тоа како обезбедила пари за купување на станот, сведокот рече дека тие биле обезбедени од Александар Ивановски преку позајмици.
За двата стана, сведокот рече дека, има договори и нотарски акти дека ги поседува.
„Во 2018 година, пред бегството на Груевски, договор за закуп ми донесе Алек, потпишани од премиерот Никола Груевски за да потпишам јас и да ги вратиме. Договорите беа дека во рок од пет години ќе се реновираат без никаков надомест“, рече сведокот Стојановска.
Како се купувале „Плацовите на Водно“?
На прашање од бранителот по службена должност на Груевски, Стојановска рече дека никогаш не се сретнала, ниту телефонски разговарала со Никола Груевски.
Прашана дали е сигурна или може само да претпостави дека тие станови се на Никола Груевски, сведокот рече „да, можам само да претпоставам”.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Лиле Стефанова.
На денешното рочиште беа сослушани и други сведоци за стан на „Бихаќка“ и за земјиште на Водно.
Обвинети во овој случај, освен поранешниот премиер Никола Груевски, се и неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева, кои се товарат за „перење пари“, како и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Мијалков и Камчев се во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор.