ТЕЦ Неготино се подготвува за производство на електрична енергија
Термоцентралата Неготино наскоро ќе почне со производство на електрична енергија најави АД Електрани на Северна Македонија. Неделава се полнат складиштата со мазут со количини кои се потребни за стартување на термоцентралата и континуирано производство на електрична енергија во следниот период. Мазутот се доставува со секојдневна динамика според пресметките на капацитетот за прием, велат од АД ЕСМ.
„ТЕЦ Неготино сега се вклучува во услови на глобална енергетска криза и енормен раст на цената на електричната енергија, поради кои околности производната цена на оваа термоцентрала, која во нормални околности беше висока, сега е пониска од цената на берзите“, стои во соопштението од АД Електрани на Северна Македонија.
ТЕЦ Неготино, како државна електрана, има статус на „ладна резерва” во електро-енергетскиот систем и од страна на вработените се одржува во состојба на готовност.
ЕСМ не достави понуда на тендерот на „ЕВН Хоум“
Претходно ЕСМ не достави понуда до универзалниот снабдувач ЕВН Хоум затоа што одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количините на струја била за шест месеци, а тендерот на ЕВН Хоум е за 12-месечен период.
Бектеши – Струјата нема да поскапи повеќе од 10 отсто
Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека не очекува зголемувањето на цената на електричната енергија да надмине 10 проценти. Поради недостиг на струја, Македонија во изминатите недели увезува струја, која на светските берзи е неколку пати поскапа од домашно произведената.