ОН - Талибанците стојат зад десетици вонсудски убиства во Авганистан
![ОН - Талибанците стојат зад десетици вонсудски убиства во Авганистан](https://gdb.rferl.org/007e0000-0aff-0242-1eef-08d9bee4150f_w800_h450.jpg)
Над 100 вонсудски убиства имало во Авганистан откако талибанците ја презедоа власта во август годинава, објавија денеска Обединетите нации, велејќи дека добиле веродостојни наводи за тоа. Според информациите на ОН, зад повеќето убиства стојат милитантите.
Заменик комесарот за човекови права Нада ал Нашиф во денешното обраќање пред Советот за човекови права на ОН во Женева, рече дека е длабоко вознемирена од континуираните извештаи за такви убиства и покрај општата амнестија објавена од новите владетели на Авганистан.
„Меѓу август и ноември, добивме веродостојни наводи за повеќе од 100 убиства на припадници на поранешните национални безбедносни сили и други луѓе поврзани со поранешната влада“, рече Нашиф.
Таа додаде дека најмалку 72 од овие убиства им се припишуваат на талибанците.
Талибанците ветија општа амнестија по соборувањето на владата поддржана од Западот во Кабул, но милитантната група се соочи со меѓународна критика поради зголемените извештаи за вонсудско убивање на цивили и членови на претходната влада и вооружените сили.
Владата предводена од талибанците ги отфрли наводите за сериозно кршење на човековите права, велејќи дека обвинувањата не се засновани на докази.
Британија со 100 милиони долари ја зголемува помошта за Авганистан
Претходно и во извештајот на Хјуман рајтс воч објавен при крајот на минатиот месец, се наведува дека се документирани докази за убиството или исчезнување на 47 поранешни членови на авганистанските национални безбедносни сили кои им се предале или биле фатени од талибанските милитанти.