Србија го отвори првиот кластер во преговорите за членство во ЕУ
![Србија го отвори првиот кластер во преговорите за членство во ЕУ](https://gdb.rferl.org/FAA4F477-0F55-456E-95B5-6E1C894FE895_w800_h450.jpg)
Србија денеска го отвори кластерот број 4 на меѓувладината конференција со ЕУ. Кластерот број 4 се однесува на Зелената агенда и одржливото поврзување и се состои од четири преговарачки поглавја( транспортна политика, Енергетика, Транс-европска мрежа и Животна средина и климатски промени).
Државниот секретар во словенечкото министерство за надворешни работи, Гаспер Довжан нагласи дека истовременото отворање на четири преговарачки поглавја носи поголема динамика во пристапните преговори.
„Но исто така забележуваме дека се потребни дополнителни напори, како што се независност на правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, како и домашни постапки во процесите против воените злосторства“, изјави Довжан.
Словенија е актуелен претседавач со ЕУ.
Довжан порача дека за Србија е клучно да има конструктивна улога во дијалогот со Косово, што ќе го одреди темпото на преговорите за членство.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека состанокот праќа силна порака дека ЕУ е посветена на интеграцијата на Србија во Унијата.
„Преговорите за членство напредуваат и ЕУ одговара на напредокот на земјата. Отворањето на поглавјата значи дека сега може да започнат преговорите за тие области. Тоа значи дека не само што треба да се продолжи со напорната работа, туку и да се засили“, рече Вархеји.
И тој повтори дека дијалогот со Косово ќе биде одредница за одвивањето на преговорите за членство.
Српската премиерка Ана Брнабиќ рече дека отворањето на кластерот е огромна мотивација. Таа се надева дека Србија наскоро ќе отвори ушите еден кластер.
Со отворањето на овој кластер Србија има отворено 22 поглавја од пристапните преговори.
Преговарачкиот процес се одвива во согласност со новата методологија на ЕУ усвоена во 2020. Србија и Црна Гора кои претходно започнаа процес на преговарање ја прифатија новата методологија. Новата методологија предвидува отворање на тематски кластери кои опфаќаат повеќе поглавја. Новата методологија има шест тематски кластери. Ова е првпат Србија да отвори еден кластер.