Косовскиот заменик-министер не може да ги посети осудените за „Диво Насеље“
![Косовскиот заменик-министер не може да ги посети осудените за „Диво Насеље“](https://gdb.rferl.org/94B4DBB5-F2DB-4673-A50A-2C7A62D58805_w800_h450.jpg)
Заменик-министерот за правда на Косово, Блерим Салаху, може да го посети затворот „Идризово“, но не и да се види со осудените косовски државјани во случајот „Диво Насеље“ бидејќи тој е политички, а не конзуларен претставник.
Ваков е одговорот на Управата за извршување на санкции (УИС) во врска со барањето на косовскиот функционер да му се овозможи посета на осудените за настаните во кумановската населба на 9 и 10 мај 2015 година кога загинаа осум припадници на македонски безбедносни служби.
Одбраната на осудените за „Диво Насеље“ бара од Врховен суд укинување на пресудата
Од УИС објаснуваат дека согласно Законот за извршување на санкции, осудените странски државјани во земјава може да бидат посетувани од конзуларен претставник според меѓународното право, под услови на реципроцитет.
Косовскиот функционер веќе еднаш најави посета, а потоа ја откажа. Во гостување на телевизијата Т7 на 7 декември тој рече дека откако воспоставил комуникација со Министерството за правда, добил дозвола за посета на затворениците.
Меѓутоа, еден ден потоа, македонскиот заменик-министер за правда, Агим Нухиу демантираше, наведувајќи дека косовскиот колега ќе се сретне со раководството на затворот, но не и со осудените. Потоа, од Косово ја откажаа посетата, по што следуваше и поднесеното барање преку косовската амбасада коешто денеска е одбиено од УИС.
За настаните од Диво Насеље со затворски казни осудени се вкупно 33 лица, а ослободителни пресуди добија четири лица. Осудените беа прогласени виновни за тероризам и добија долгогодишни затворски казни, а седуммина добија доживотен затвор.