Маричиќ: Нема да има спорни имиња на листите за помилување
Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави денеска дека ниту едно спорно име нема да се најде на листите за помилување. Според него, листите кои министерството за правда ги испраќа до претседателот на државата Стево Пендаровски се по предлог на директорите на затворите.
„Министерот за правда не дава никакви помилувања. Ова се специфични помилувања по повод Нова година и листите за делумно скратување на казната ја прават директорите на затворот и се проследува на разгледување. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите. Значи, предлог листите се од затворите а не од Министерството за правда. Тие листи поминуваат низ четири филтри“, рече Маричиќ за Утрински брифинг.
Тој додаде дека постапката не е јавна и не се објавува во јавност и неблагодарно е да се објавуваат имиња во рана фаза затоа што, како што порача, станува збор за луѓе што се осудени и имаат свои надежи.
„Ние ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците“, истакна Маричиќ.
Заменик министерот за правда Агим Нухиу, во објава на Фејсбук се огради од списокот за помилувања.
„Предлозите на Управите на затворите за помилување на одредени затвореници кои со своите криминализирани дела ги вознемируваа граѓаните и ги разнишаа темелите на државата, никогаш нема да ја добијат мојата поддршка и не треба да имаат поддршка ниту од ресорот за правда“, напиша Нухиу.
Пировска нов претседател на Комисијата за помилување, нов член ќе биде новинарот Кежаровски
Меѓу имињата на листите, како што објавија дел од медиумите, се и бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово.