Претседателот Пендаровски го примил известувањето за оставката на Заев
![Претседателот Пендаровски го примил известувањето за оставката на Заев](https://gdb.rferl.org/42832a84-3cdf-45bb-b2d7-145e057773ab_w800_h450.jpg)
Претседателот Стево Пендаровски прими формално известување од Собранието дека е констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, која повлекува оставка на целата Влада, информираат за МИА од Кабинетот на шефот на државата.
Собранието на Република Северна Македонија денеска на седница ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев.
Констатирана оставката на Заев, течат роковите за нова Влада
Откако известувањето за оставката е доставено до Кабинетот на Пендаровски, според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Заев заминува - за едни како херој, за други како предавник
На предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски.
По добиениот мандат Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би следувало избор на неговата влада на собраниска седница.
Заев ја најави оставката по локалните избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. Прво си поднесе оставка од партиската лидерска позиција, а потоа и од владата. Пред да замине договори ново парламентарно мнозинство во кое влезе и досега опозициската Алтернатива, по што сега мнозинството има 64 пратеници.