Одбраната на Мијалков со писмо до израелска Амбасада
![Одбраната на Мијалков со писмо до израелска Амбасада](https://gdb.rferl.org/5B8EBE04-C9A5-4B9A-8A98-30C1F3450A32_w800_h450.jpg)
Адвокатите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков денеска информираа дека испратиле писмо до израелскиот амбасадор, откако во образложението за одлуката на Основниот кривичен суд за нов 30-дневен притвор на нивниот клиент било наведено дека постои „опасност од бегство затоа што е во контакт и блиски врски со разузнавачките служби на Израел“.
„Во решението на Основниот кривичен суд е наведено дека постои опасност од бегство затоа што Мијалков е во контакт и блиски врски со разузнавачките служби на Израел, кои ќе му овозможат бегство во секој миг кога ќе посака без патна исправа и дека ќе му дадат засолниште“, истакна адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според него, ваквото образложение е „апсурдно и претставува нешто што досега не е видено“.
Судски совет- судската власт е независна и самостојна
Тој рече дека очекуваат оти израелската Амбасада ќе ги провери овие информации, а потоа „ќе даде демант или ќе се обрати до јавноста“.
На 22 декември првин Мијалков беше ослободен од притвор за случајот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор. Апелација му ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра и мерката притвор ја преиначи во мерки на претпазливост. Во истиот ден Кривичен суд му одреди нова мерка притвор од 30 дена по барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Новиот притвор е за делото „Плацеви на Водно“.