Папата за Божиќ - Потребен е дијалог наместо повлекување во себе
![Папата за Божиќ - Потребен е дијалог наместо повлекување во себе](https://gdb.rferl.org/ea6bf41a-b36e-44f2-8b5f-2c05614fd522_w800_h450.jpg)
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск денеска ја упати традиционалната Божиќна порака (Urbi et Orbi) во која повика на дијалог во услови на „тенденцијата на повлекување во себе“ за време на пандемијата на коронавирусот. Од вирусот досега во светот починаа 5,3 милиони луѓе.
„Во ова време на пандемија на коронавирусот, нашата способност да одржуваме друштвени односи се наоѓа во искушение, бидејќи се поголема станува тенденцијата да се повлечеме во себе и да делуваме сами, вклучително и на меѓународно ниво“, рече папата, додавајќи дека единствено преку дијалог може да се дојде до решавање на конфликтите.
Папата во пораката потсети на, како што рече, огромните и заборавени трагедии во Сирија, Јемен и Ирак.
„Треба да го слушнеме плачот на децата во Јемен, каде со години, во тишина се случува страшна трагедија, која е заборавена и која убива луѓе секој ден“, рече папата Франциск на плоштадот Свети Петар.
Тој повика и на дијалог во Украина за да се избегне ширење на „гангренозниот конфликт“ меѓу силите за безбедност и проруските бунтовници.
Папата Франциск се моли за „драгата Украина“ и нејзиниот народ поради тензиите со Русија
Повеќе од милијарда луѓе во светот слават Божиќ на 25 декември според Грегоријанскиот календар, но свеченостите втора година по ред се во сенка на пандемијата на коронавирусот. Земјите сега се соочуваат со нови сој на вирусот Омикрон.