Професорите на УКИМ повисоки плати ќе бараат преку дијалог, не на протести
Протестот на професорите на Универзитетот Кирил и Методиј (УКИМ) најавен за 30 јуни се одложува, донел одлука Сојузот на синдикати на Универзитетот, откако добиле одговор од Владата дека за нивните барања ќе разговараат со надлежните министерства.
„Од Владата добивме одговор на нашите барања за потпишување колективен договор и покачување на платите со кој се задолжуваат Министерствата за образование и наука и за финансии за разговори во врска со нашите барања, и покрај тоа што основач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е Собранието, со кое Синдикатот водеше преговори и го усогласи во целост нормативниот текст од колективниот договор, освен делот на покачување на платите“, се наведува во соопштението.
Сојузот на синдикати на УКИМ очекува дека Владата и двете министерства ќе ги разгледаат нивните, како што наведува „оправдани и разумни барања и позитивно ќе одговорат“ и додава дека со одлуката за одложување на протестот сакаат да овозможат егзистенцијалните барања да ги остварат низ дијалог.
Доколку нивните барања не бидат прифатени ќе организираат протести во септемвриската испитна сесија.
Образовен (распад) систем
Синдикатот на УКИМ на 2 јуни го изрази незадоволството пред Ректоратот на Универзитетот, а задутре требаше да организира мирен протест пред Владата кој со денешната одлука е одложен.