Брод со околу 68 мигранти потонал кај грчкиот остров Евија
Девет луѓе биле спасени откако едрилица со околу 68 мигранти потонала во морскиот дел југоисточно од грчкиот остров Евија, а во тек е спасувачка акција на грчката крајбрежна служба. Ова е втора несреќа со мигранти во Грција за помалку од 24 часа, откако вчера се преврти чамец со 12 лица во близина на островот Самос и беа спасени четворица мигранти. Портпаролот на крајбрежната служба на Грција Никос Кокалас за грчката телевизија ЕРТ рече дека спасувачката акција кај Евија се води под лоши временски услови поради силниот ветер, а веќе се спасени девет лица, кои се од Авганистан, Египет и Иран.
Пронајдени седум тела на мигранти по бродоломот кај грчкиот остров Китира
„Првичните информации се дека тргнале од Измир. Во едрилицата, според изјавите на спасените, имало околу 68 лица. Во овој момент не можат да ни ја кажат точната бројка“, рече Кокалас. Во врска со несреќата што вчера се случи во морскиот дел јужно од островот Самос, објасни дека и таму продолжува спасувачката акција што траеше и во текот на ноќта. Во чамецот што се превртил спасени се четири лица, кои рекле дека биле вкупно 12, а се трага по осумтемина исчезнати.