Мицкоски: Законот за здруженија треба да почне час поскоро да се применува
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бара Законот за здруженија да почне веднаш да се применува. Коментирајќи ја најавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи дека законот ќе го прати на оценување во Венецијанската комисија, Мицкоски рече дека тој предлага примената на законот да почне со бугарскиот клуб во Охрид.
„ВМРО-ДПМНЕ предложи закон во Парламентот, тој закон помина, тој закон е изгласан и тој закон треба да почне час поскоро да се применува. Уште утре да го затворат клубот „Цар Борис“ во Охрид и да се укине регистрацијата на тој клуб, бидејќи тој клуб, очигледно и јасно ни е на сите, носи име на фашистички соработник. Односно, на бидам попрецизен, нацистички соработник, за време на Втората светска војна, рече Мицкоски.
Министерот за правда Никола Тупанчески пак денеска изјави дека испраќањето на Законот за здруженија и фондации на мислење на Венецијанската комисија е од превентивни причини во однос на примената на одредбите кои се изгласани во Собранието за да не дојде до несакани последици и за да се избегнат пресуди од Европскиот суд за човекови права. Европската пракса, како што рече тој, покажа дека закон може да биде проверен и по неговото донесување.
„Мислењето на Венецијанската комисија е добредојдено. Исходот не можеме да го прејудицираме. Можеби ќе оди во наш прилог. Факт е дека можеби добро би било оваа пракса да продолжи и во иднина, но тоа да биде пред донесувањето на законите, затоа што на некој начин е подобро да се реагира во таа фаза отколку кога ќе биде донесен законот, па после да добиеме пресуда од Европскиот суд за човекови права, изјави министерот Тупанчески.
Пратениците едногласни за изменување на Законот за здруженија и фондации
Испраќањето на законот во Венецијанската комисија вчера го најави Министерот за надворешни работи, Бујар Османи за време на неговата посета во Софија во текот на прес-конференција со неговиот бугарски колега, Николај Милков.Законот беше донесен на средината на октомври со 84 гласа „за“ и без ниту еден против или воздржан, откако беше поднесен од страна на ВМРО-ДПМНЕ.