Тупанчески најави амнестија за неплаќачите на ковид-казните, нема да одат во затвор
Граѓаните кои добија казни поради прекршување на ковид-19 мерките за време на пандемијата, а потоа и одбија да ја платат казната, ќе бидат амнестирани бидејќи нема место во затворите. Предлогот, вели министерот за правда Никола Тупанчески во синоќешното издание на „360 степени“, дошол од Основниот кривичен суд од Скопје, а тие го прифатиле. Решението е спремно за гласање во Собранието.
Според анализите, амнестијата ќе ослободи над 1200 лица. Според министерот Тупанчески, прекршителите не се криминалци, туку лица чии парични казни се пред трансформација во казни затвор.
Вознемиреност, страв, фрустрации - кризата зема данок врз здравјето
„Ја прифативме идејата на Кривичниот суд – Скопје зашто ни се виде како идеја која може да помогне. Тука не станува збор за лица кои извршиле кривични дела кои, пак, според својата персонална анамнеза претставува криминалци во вистинска смисла на зборот. Тоа се лица кои ги прекршиле ковид-мерките и нашиот кривичен законик предвидува, најчесто беа парични казни. Зборуваме за повеќе од 1200 луѓе на кои, практично ако не ја платат паричната казна, за кратко време паричната ќе им се трансформира во затворска казна. Оваа идеја на Кривичниот суд, бидејќи предлог-законот е готов, е во собраниска процедура. Мораме да бидеме брзи зашто ако навреме не го донесеме законот тогаш задоцнето ќе биде неговото носење“, изјави министерот за правда во гостувањето на „360 Степени“.
Тупанчески, сепак, вели дека на оние што си ги платиле казните, кои најчесто беа меѓу 1000 и 2000 евра, нема да им бидат вратени парите.
„Амнестијата се однесува на оние на кои паричната ќе им биде трансформирана во казна затвор. Оние кои веќе ја платиле изречената казна е прашање за кое може да се размислува, но фокусот е на лицата на кои паричната казна би им се трансформирала во затворска казна“, вели Тупанчески.
Илјадници граѓани беа казнети во изминатите две години поради прекршување на мерките за заштита од пандемијата.