Тоакев останува претседател на Казахстан
Првичните резултати од предвремените парламентарни избори во Казахстан покажуваа дека Касим-Жомарт Токаев освои 81,3 отсто од гласовите. Со тоа Токаев, кој е и актуелен претседател на земјата ќе остане на таа функција уште седум години, според новите ограничувања на мандатот на претседателот на Казахстан.
„Народот јасно ми ја изрази својата доверба и ние мора да ја оправдаме“, рече Токаев откако се појавија резултатите.
Според Централната изборна комисија, од 12 милиони луѓе со право на глас, излезноста била 69,4 отсто. Конечните резултати ќе бидат објавени во текот на неделата, по сумирањето на гласовите дадени од странство.
На 69-годишниот Токаев му се спротивставија пет малку познати противници, но на нив не се гледаше како на вистински конкуренти.
Вториот кандидат по Токаев, освоил само 5,8 отсто од вкупните гласови.
Изборите на 20 ноември дојдоа речиси три месеци откако беа изгласани измените со кои досегашните два последователни претседателски мандати од по пет години се заменуваат со еден во траење од седум години. Уставните измени беа предложени од Токаев како дел од неговата кампања за создавање, како што тој го нарекува „Нов Казахстан“.
Претседателските избори првично требаше да се одржат во 2024 година, а парламентарните во 2025, но во септември, Токаев повика на предвремени претседателски и парламентарни избори, велејќи дека му е потребен нов мандат за да се „одржи импулсот на реформите“ по референдумот во јуни, со кој на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев му беше одземен престижниот статус „Елбаси“ или Лидер на нацијата.