Германија ги суспендираше мерките за подобрување на бизнисот со Иран
Германската влада ги суспендираше државните мерки наменети за зајакнување на бизнисот со Иран поради задушувањето на протестите низ целата земја во Исламската Република, објави денеска Министерството за економија.
Суспензијата ќе влијае на извозните кредити и инвестициските гаранции, како и на програмите за обука на менаџери и саемите во Германија и Иран, соопшти Министерството.
Германско-иранската трговска размена во 2021 година изнесуваше 1,76 милијарди евра.
Смртта на притворената Иранка Махса Амини, откако таа беше уапсена од полицијата за морал поради кршење на иранскиот кодекс на облекување, предизвика неколкумесечни протести низ целата земја.
Протестите освен во Иран се одржуваа и во повеќе западни земји, меѓу кои и Германија.