Пратениците го изгласаа Буџетот за 2023 година
Со 56 гласови „за“, 30 „воздржани“ и еден „против“, пратениците го изгласаа дополнетиот Буџет за 2023 година.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, Буџетот е реален и развоен, заснован на златното правило во јавните финансии – капиталните расходи да се повисоки од буџетскиот дефицит. Од опозицијата пак, од каде најавија дека ќе гласаат воздржано, сметаат дека Буџетот е преобемен, инфлаторен и со него ќе се зголеми дефицитот и јавниот долг.
За Дополнетиот буџет на пленарна седница се расправаше пет дена, а тој беше доставен во Собранието откако Владата ги вгради прифатените амандмани.
Со него, растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.
Околу 250 милиони евра пак се предвидени за надминување на предизвиците од глобалната енергетска и економска криза, како и средства за редовна исплата на платите и пензиите и за поддршка на фирмите и земјоделците.
Ова е прв буџет донесен согласно Законот за буџети, усогласен со фискалните правила во ЕУ.