Германскиот конзулат во Истанбул затворен поради опасност од напад
Германскиот конзулат во Истанбул денеска е затворен поради зголемена закана од напад во најголемиот турски град, соопшти германското Министерство за надворешни работи. Германија ги предупреди своите граѓани во Истанбул дека ризикот од напад е особено висок во централниот кварт Бејоглу и околу плоштадот Таксим. Германското МНР соопшти дека потегот за затворање на конзулатот е направен по „проценката на безбедносните власти“ и ги повика граѓаните да бидат особено внимателни и да избегнуваат гужва.
Германија, Шведска, Норвешка и Данска, како и САД, уште минатата недела ги предупредија своите државјани за зголемен ризик од напад во Турција.