Курти постави услови за формирање на Заедницата на српски општини
Косовскиот премиер Албин Курти на денешната седница на косовското Собрание изјави дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство може да се разгледува со неколку услови, меѓу другото, тоа „мора да биде во согласност со Уставот и законите кои важат во Косово“. Друг услов, според него, е Заедницата да не може да биде моноетничка „мора да го смени името, да не носи никаква јавна или извршна власт и да служи само во хоризонталната соработка на општините, согласно Уставот и Законот за локална самоуправа“ .
„Правата на националните малцинства и соодветните механизми за заштита треба да го зајакнат принципот на реципроцитет меѓу двете држави, како и да ги земат предвид европските стандарди и модели“, рече тој. Четвртиот услов, според Курти, е пред формирањето на Заедницата „да се изгаснат илегалните структури на Србија на север и да се предаде целото нелегално оружје“. Петиот услов е „Заедницата да е дел од конечниот договор и да се спроведува дури по меѓусебно признавање“. И на крај, тој изјави дека „српскиот претседател Александар Вучиќ треба да ги повлече писмата испратени до петте земји членки на ЕУ и другите за неприфаќање на апликацијата на Косово за членство во ЕУ“. Договорот за формирање на оваа асоцијација беше постигнат во 2013 година во рамките на дијалогот за нормализација на односите Косово-Србија, со посредство на Европската унија, но тој никогаш не беше спроведен. Уставниот суд на Косово на 23 декември 2015 година утврди дека општите принципи на Асоцијацијата, договорени истата година меѓу Косово и Србија, не се целосно во согласност со духот на Уставот на Косово.
Уставниот суд порача дека ова здружение може да се формира доколку се усогласат начелата кои не се во склад со Уставот. Србија, пак, инсистира Здружението да се формира врз основа на постигнатите договори. Соединетите Американски Држави и Европската Унија постојано бараа од страните да ги почитуваат сите постигнати договори, вклучително и оној за Асоцијацијата.