Лидерот на бугарската фондација „Македонија“ не ја преминал границата
Лидерот на бугарската фондацијата Македонија, Виктор Стојанов, како што неофицијално дознава екипата на РСЕ која се наоѓа на граничниот премин Деве Баир, самоиницијативно ја напуштил колоната на возила која се наоѓала на граничниот премин Деве Баир меѓу Северна Македонија и Бугарија и се вратил назад, бидејќи не можел да чека системот за контрола да се врати во функција. Од Министерството за внатрешни работи пак потврдија за РСЕ дека на граничните премини паднал системот за контрола и во моментот се работи на негово оспособување.
„МВР информира дека системот на сите гранични премини не е во функција, но екипи работат на негово оспособување . Селективно се пропуштаат само итни случаи“, велат од МВР.
Бугарската фондација Македонија го организира доаѓањето на државјани на источниот сосед со цел да оддадат почит на гробот на Гоце Делчев во црквата свети Спас во Скопје на одбележување на 151 годишнината од раѓањето на револуционерот.
Тие се со организиран превоз со автомобили од Бугарија, а на граница ги пречекува полиција и со полициска придружба ќе дојдат до гробот на Делчев и назад. Гоце Делчев и Македонците и Бугарите го сметаат за свој национален херој.