Во земјотресите во Турција и во Сирија загинаа повеќе од 2.000 луѓе
Според најновите податоци, во денешните два земјотреса што во рок од 12 часа ги погодија Турција и Сирија загинаа повеќе од 2.000 луѓе.
Се очекува зголемување на бројот на жртви, а во тек се спасувачки операции.
Според досегашните официјални податоци, во Турција загинале 1.014 луѓе, а 5.383 лица се повредени, додека се урнале 2.818 згради.
Сириското Министерство за здравство соопшти дека загинале повеќе од 783 лица, а 1.042 се повредени. Дополнително на тие бројки, спасувачката служба „Бели шлемови“ во северозападна Сирија, во областите што не се контролирани од Владата, соопшти дека бројот на загинати е 221, со што вкупната бројка на жртви е 2.018.
Повеќе од 10 тимови за пребарување и спасување од Европска унија се мобилизирани по големиот земјотрес што ја погоди Турција, соопшти портпаролот на Европска комисија. САД, Велика Британија, Израел, Русија и Кина понудија помош.
Првиот земјотрес се случил рано утрово во близина на Кахраманмарас и поголемиот град Газиантеп, блиску до сириската граница, а бил со интензитет од 7,8 степени според Рихтеровата скала, што е еден од најсилните земјотреси во регионот во најмалку еден век. Земјотресот беше почувствуван дури до Кипар и Каиро.
Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) соопшти дека прелиминарните податоци покажуваат дека вториот земјотрес бил со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала на 67 километри североисточно од Кахраманмараш, Турција, на длабочина од два километри.
Сеизмолозите регистрираа повеќе од 100 помали последователни потреси.