Лонг Ајленд - Жена прогласена за мртва, па во мртовечница откриле дека дише
Жена од 82 години била прогласена за мртва во старечки дом на Лонг Ајленд во американската сојузна држава Њујорк, но три часа подоцна било востановено дека дише во мртовечницата во која била пренесена, соопштија денеска тамошните власти.
Жената, чие име не е соопштено, била прогласена за почината во саботата во старечкиот дом Вотерс Еџ во Порт Џеферсон во 11:15 по локално време, а во мртовечница била пренесена во 13:30. Таму било утврдено дека дише во 14:09, соопшти полицијата на округот Сафолк.
Жената била хоспитализирана, а денеска нема податоци за нејзината состојба. Случајот е во фаза на истрага и го води државното обвинителство на Њујорк.
Пред само неколку дена, еден старечки дом во сојузната држава Ајова беше казнет со 10 илјади долари поради сличен инцидент со прерано прогласување смрт на една жена.
Тоа се случи на 3 јануари, кога една 66-годишна жена беше прогласена за мртва во Дом за специјална нега на заболени од Алцхајмерова болест во Урбандејл, Ајова. Таа била ставена во мртовечка вреќа и била пренесена во крематориум, каде што работниците востановиле дека дише, па повикале полиција.
Жената била вратена во домот, каде што починала два дена подоцна, на 5 јануари.