Лајчак: Мило ми е што Косово начелно го прифати предлогот на ЕУ
Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска го изрази своето задоволство што Косово начелно го прифати предлогот на ЕУ за нормализација на односите помеѓу двете страни. „Мило ми е што Косово начелно го прифати предлогот на ЕУ. Ќе ги продолжиме нашите разговори на средба на високо ниво“, напиша Лајчак на Твитер. Високиот претставник на ЕУ додаде дека во понеделникот во Приштина и Белград разговарал со косовскиот премиер Албин Курти, главниот преговарач Бесник Бислими, а потоа и со српскиот претседател Александар Вучиќ и со претседателот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Петар Петковиќ.
Вучиќ синоќа по средбата со Лајчак на Инстаграм напиша дека имале „отворен и пријателски разговор“. „Отворен и пријателски разговор со Мирослав Лајчак. Кога велам отворено, навистина мислам“, додаде Вучиќ. Курти по средбата рече дека Приштина го прифаќа планот на ЕУ за нормализација на односите со Белград, дека тоа е „добра основа за понатамошни дискусии и напредок“ и додаде дека за време на разговорите во Брисел ќе „постави некои прашања“ за тој предлог.