Шефот на МААЕ укажа на важноста од дипломатските напори за иранската нуклеарна програма
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси ја истакна важноста од заживување на дипломатските напори за ограничување на иранската нуклеарна програма, велејќи дека ситуацијата може брзо да се влоши доколку преговорите не успеат. Во разговор во институтот Чатам Хаус во Лондон, тој изрази надеж дека ќе биде можно да се обнови тој неопходен дијалог и дека без него работите можат да одат од лошо на полошо. Иран почна да ги обновува своите нуклеарни резерви кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, со кој се ограничува иранската нуклеарна програма.
Разговорите за враќање на договорот завршија во август кога западните земји го претставија „конечниот текст“ на патоказот за напредок што Иран сè уште не го прифати. Гроси во минатиот месец предупреди дека Иран има доволно високо збогатен ураниум за да изгради „неколку“ нуклеарни оружја доколку сака. Гроси рече дека Блискиот Исток има уникатни проблеми кои ќе се влошат ако дипломатските напори пропаднат.