Ердоган: бројот на загинати во земјотресот во Турција е над 14.000
Бројот на загинати во Турција од силните земјотреси оваа недела се искачи на 14.014, а повеќе од 63.000 се повредени, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган за новинарите во четвртокот за време на посетата на покраината Газиантеп погодена од земјотресот. Тој рече дека повеќе од 6.400 згради се уништени и дека Турција има за цел да изгради нови три и четирикатни згради во регионот во рок од една година. Во Сирија пак, досега, според официјални и медицински лица, бројот на загинати е над 3.160.
Во меѓувреме, првиот конвој на Обединетите нации со помош за Сиријците денеска премина од Турција, изјавија очевидци и претставник на граничниот премин. Турските власти рекоа дека за два дена ќе отворат и други премини. Претставникот на ОН за Сирија претходно рече дека „апсолутно сè“ е потребно во однос на помошта по силниот земјотрес во понеделникот, кој опустоши делови од јужна Турција и северна Сирија.