ЕУ тврди дека е неправедно обвинета за избегнување помош за Сирија
Претставникот на Европската унија за Сирија, Ден Стоенеску, рече дека е неправедно да се обвинува Унијата дека не дава доволно помош за Сиријците, по земјотресот што опустоши големи делови од Сирија и Турција.
Тој за Ројтерс изјави дека ЕУ и нејзините членки собрале повеќе од 50 милиони евра за помош и спасувачки мисии, како и прва помош во делови на Сирија под контрола на владата и бунтовниците.
„Апсолутно е неправедно да нè обвинуваат дека не помагаме, кога постојано работиме“, рече Стоенеску во писмен коментар.
Повеќе од 3.500 луѓе загинаа во земјотресот во Сирија, каде 12-годишниот конфликт веќе остави стотици илјади мртви, а милиони се раселени внатре и надвор од земјата.
Сириската влада, која е под западни санкции, апелираше за помош од ОН, велејќи дека секоја помош мора да се координира со Дамаск и да се достави од Сирија, а не преку турската граница до бунтовничките области. Некои набљудувачи го обвинуваат Дамаск дека насочува помош кон лојалистичките области.
Пратка од 30 тони хуманитарна помош од италијанската влада, вклучувајќи четири амбулантни возила и 13 палети медицинска опрема, слета во саботата во Бејрут на пат за Дамаск. Ова е прва европска помош за Сирија по земјотресот.
Стонеску рече дека ЕУ ги охрабрува земјите-членки да обезбедат помош и дека санкциите „не ја попречуваат испораката на хуманитарна помош“.