Повеќе од 24.900 згради се уништени или оштетени во Турција
Турција вети дека темелно ќе ги истражи сите за кои постои сомневање дека се одговорни за уривањето на зградите во разорниот земјотрес пред речиси седум дена и веќе нареди притвор на 113 лица.
Потпретседателот Фуат Октај рече дека 131 лице во моментов се осомничени дека се одговорни за уривањето на некои од илјадниците згради срамнети со земја во десет провинции.
„За 113 од нив се издадени налози за притвор. Ќе следиме внимателно додека не заврши судскиот процес, особено за зградите што претрпеа големи оштетувања и зградите што предизвикаа смрт и повреди“, изјави Октај на брифинг за новинарите во Анкара.
Тој рече дека Министерството за правда формирало истражни канцеларии за испитување на смртните случаи и повредените.
Министерот за животна средина Мурат Курум рече дека 24.921 зграда се урнале или биле оштетени во земјотресот, а овие податоци се засноваат на проценките на повеќе од 170.000 згради.
Спасувачите се уште трагаат по преживеани во урнатините, а бројот на загинати во Турција и Сирија надмина 28.000 и се очекува да продолжи да расте.
Опозициските партии ја обвинија владата на турскиот претседател Таип Ердоган дека не ги спроведува градежните регулативи и дека ги злоупотребува специјалните даноци воведени по последниот голем земјотрес во 1999 година за да ги направи зградите поотпорни на земјотреси. Ердоган одговори дека опозицијата говори невистини само да ја критикува Владата.