Во Македонија Ден на жалост за жртвите од земјотресот во Турција и во Сирија
Денеска е ден на национална жалост за жртвите од катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија. Националното знаме на земјава денеска ќе се вее на половина копје. Ваквата одлука беше донесена на владина седница како израз на солидарност и спомен кон загинатите во земјотресот, чиј број, според последниот биланс, се искачи на над 33 000.
„За време на Денот на жалост, знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје, во нашата држава и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство. Владата на Република Северна Македонија изразува длабоко сочувство за загубите, до целиот турски народ и до блиските на настраданите во земјотресот во Турција и во Сирија“, пишува во владиното соопштение. Во објава на Фејсбук, премиерот Димитар Ковачевски порача дека како држава и народ ќе продолжиме да бидеме солидарни и да им помагаме на оние кои загубиле сѐ.